Португалија направи голем чекор кон нокаут-фазата на Светското првенство, а доколку продолжи со победничката серија, фудбалските фанови би можеле да добијат спектакл каков што светот долго го посакува – нов дуел меѓу Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
Португалија убедливо го совлада Узбекистан со 5:0, а Кристијано Роналдо постигна два гола и испиша нови страници во историјата. Тој стана првиот фудбалер кој постигнал гол на шест различни Светски првенства, втор најстар стрелец во историјата на Мундијалите и најдобар стрелец на Португалија на светските првенства, надминувајќи го Еузебио.
И покрај убедливата победа, Португалија сè уште нема обезбедено прво место во групата. За тоа најверојатно ќе биде потребна победа против Колумбија, а во одредени околности може да биде доволен и нерешен резултат.
Доколку Португалија ја освои групата и успешно ги мине 16-финалето и осминафиналето, во четвртфиналето би можела да се соочи со актуелниот светски шампион Аргентина.
Таквата пресметка би значела уште едно, а можеби и последно големо соочување меѓу двете најголеми фудбалски легенди на современата ера – Лионел Меси и Кристијано Роналдо.









