WhatsApp воведува нова безбедносна функција која треба значително да ја намали можноста за кражба на кориснички профили преку сè почестите фишинг и смишинг измами.
Изминатиот период голем број корисници стануваа жртви на измамници кои испраќаа лажни пораки со малициозни линкови, најчесто од профили на луѓе чии сметки веќе биле хакирани. Со едно невнимателно кликање, напаѓачите добиваа пристап до профилот, а потоа испраќаа пораки до контактите на жртвата барајќи пари или ширејќи нови измами.
За да го спречи тоа, WhatsApp воведува функција наречена Linked Device Alert. Доколку некој се обиде да го поврзе вашиот профил со непознат уред, апликацијата веднаш ќе испрати предупредување.
Корисникот ќе добие известување со информации за новиот уред и неговата локација. Ако не станува збор за сопствено најавување, со едно притискање ќе може веднаш да го одбие и блокира обидот за пристап.
Од компанијата очекуваат ова дополнително ниво на заштита значително да го намали бројот на успешни хакирања и да им овозможи на корисниците побрзо да реагираат пред измамниците да добијат контрола врз нивниот профил и разговори.








