На окупираниот Крим е прогласена вонредна состојба по серијата украински напади кои во изминатите денови предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија, недостиг од гориво и сериозни нарушувања во сообраќајот.
Според прорускиот функционер Сергеј Аксионов, мерката е воведена за полесно справување со економските последици од кризата. Во меѓувреме, на Керчкиот мост се создадоа километарски колони, а во еден момент речиси 2.800 возила чекале да го напуштат полуостровот.
Украина во текот на јуни значително ги засили нападите врз Крим, со цел да ги наруши логистичките линии и снабдувањето на руските сили. Како дел од мерките, на бензинските пумпи им било наложено да ја ограничат продажбата на гориво за цивилното население.
На социјалните мрежи се појавија снимки од речиси празни улици во Симферопол, додека дел од жителите јавно предупредуваат дека секојдневниот живот станува сè потежок. Некои велат дека не можат да стигнат до работа поради преоптоварениот јавен превоз, а други стравуваат дека без гориво нема да можат да заработуваат и да ги отплаќаат своите кредити.
Ситуацијата на полуостровот останува неизвесна, додека нападите и натаму продолжуваат, а локалните власти предупредуваат дека ограничувањата би можеле да останат во сила и во наредниот период.









