Велешката фудбалска легенда Панче Ќумбев беше дел од спектакуларниот настан организиран по повод 110 години од постоењето на Легија Варшава, еден од најголемите и најтрофејни полски фудбалски клубови.



По повод големиот јубилеј, клубот на едно место собра околу 50 поранешни фудбалери и легенди кои низ годините оставиле свој белег во дресот на Легија, а меѓу нив беше и Ќумбев.


Пред околу 25.000 гледачи, поранешните фудбалери повторно излегоа на теренот и одиграа ревијален натпревар во кој силите ги одмерија селекцијата составена од странски фудбалери кои настапувале за Легија и селекцијата на домашните, полски играчи.


Натпреварот заврши со победа на селекцијата на странците со 5:2, но резултатот беше во втор план. Во центарот на вниманието беа спомените, емоциите и повторната средба на генерациите кои низ годините ја пишувале историјата на клубот.



Панче Ќумбев, кој во својата кариера го носеше дресот на Легија Варшава, доби уште едно големо признание со поканата да биде дел од овој значаен јубилеј за клубот.



„Супер настан и голема чест за мене. Околу 25.000 публика, ветерани и многу легенди на едно место“, ги сподели своите импресии Ќумбев.


Присуството на велешанецот меѓу фудбалските имиња кои Легија ги собра за својот голем јубилеј е уште една потврда за трагата што Панче Ќумбев ја оставил во еден од најпознатите клубови во Полска.









