ПРВ.мк
Спорт

ОД ВЕЛЕС ДО ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО! Филип Јованов со јасна порака: „Не одиме со бело знаме“

ОД ВЕЛЕС ДО ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО! Филип Јованов со јасна порака: „Не одиме со бело знаме“

Македонската одбојкарска репрезентација го започнува настапот на своето четврто Европско првенство, а меѓу репрезентативците кои за првпат ќе го почувствуваат најголемиот сениорски репрезентативен предизвик е и велешанецот Филип Јованов.

Либерото на македонската репрезентација премиерно ќе настапи на Европско првенство во сениорска конкуренција. Јованов зад себе веќе има настапи за младинските национални селекции, а повикот во сениорскиот состав го доживува како логичен чекор напред во кариерата, но и како огромна чест.

„Чест и задоволство е што ќе бидам дел од едно вакво големо натпреварување, особено затоа што претходните три ги следев на малите екрани. Свесни сме за силата на противниците, но и за квалитетот што го поседуваме и фактот дека сме подготвени да го дадеме нашиот максимум“, вели Јованов.

Младиот одбојкар додава дека македонската репрезентација нема да се предаде однапред и дека на секој натпревар ќе се бори до последниот поен.

„Ќе се бориме за секој поен, секој сет, секој натпревар. Не одиме со бело знаме и се надевам дека ќе ја израдуваме македонската јавност“, порача Јованов пред дебито на големата европска сцена.

За велешанецот ова ќе биде посебен момент во кариерата, но и можност заедно со репрезентативните соиграчи да го претставува македонскиот спорт на едно од најголемите одбојкарски натпреварувања во Европа.

Фото: Спорт Манија