Грција донесе одлука со која се забранува користењето социјални мрежи за деца помлади од 15 години, а мерката треба да започне да се применува од 1 јануари. Со оваа одлука, земјата се приклучува на групата европски држави што воведуваат ограничувања за заштита на малолетниците на интернет, објави јавниот сервис ЕРТ њуз.
За време на парламентарната расправа, министерот за дигитално управување и вештачка интелигенција, Димитрис Папастергиу, ја бранеше мерката, оценувајќи ја како неопходна, ефикасна и соодветна, како и усогласена со правото на Европската Унија.
„Денес би било многу лесно да не преземеме ништо и да чекаме совршен европски закон“, изјави Папастергиу.
Министерот предупреди дека неконтролираното користење на интернет може да предизвика зависност кај децата и негативно да влијае врз нивното ментално здравје. Поради тоа, според него, не е прифатливо децата да продолжат да ги користат социјалните мрежи без соодветни ограничувања.
Со новите правила, платформите ќе имаат обврска да ја проверуваат возраста на корисниците. Во заштитата на малолетниците треба да помогне и апликацијата „Кидс волет“, развиена од грчкото Министерство за дигитално управување, која е наменета да им овозможи на родителите подобра контрола и заштита на децата во дигиталниот простор.
Франција се соочи со правни пречки
Франција во јули стана првата земја членка на Европската Унија што воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 15 години. Сепак, во август францускиот Уставен совет го поништи законот, со образложение дека со него прекумерно се ограничуваат слободата на изразување и правото на комуникација.
И покрај оваа одлука, францускиот претседател Емануел Макрон продолжува да ја поддржува идејата за ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи. Тој му наложил на премиерот Себастијан Лекорни да подготви изменета верзија на законот што ќе има поцврста правна основа.
Европската Унија подготвува пошироки правила
На ниво на Европската Унија, Европската комисија во септември го претстави предлогот за закон за заштита на децата на интернет, познат како „ЕУ кидс акт“.
Меѓу предложените мерки се целосна забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 13 години и можност за отворање самостојни кориснички сметки од навршени 15 години.
Предлогот сè уште е предмет на расправа во Европскиот парламент и меѓу земјите членки, а неговата конечна форма ќе зависи од понатамошниот законодавен процес.







