ПРВ.мк
Свет

Кина ја подготвува војската на иднината: Хуманоидни роботи би можеле да влегуваат во борба наместо војници

Кина ја подготвува војската на иднината: Хуманоидни роботи би можеле да влегуваат во борба наместо војници

Кина забрзано го истражува потенцијалот на хуманоидните роботи за употреба во идните воени операции, вклучително и во урбени борби, извидување и мисии зад непријателските линии.

Според анализа на „Ројтерс“, направена врз основа на повеќе од 100 кинески воени тендери, научни трудови, патенти, официјални публикации и материјали од одбранбената индустрија, интересот на кинеските воени институции за оваа технологија значително се зголемил во текот на 2025 и 2026 година.

Едно од сценаријата разработено од истражувачи од Националниот универзитет за одбранбена технологија предвидува хуманоидните роботи да дејствуваат заедно со војниците при преземање згради.

Според концептот, роботите би можеле да напредуваат кат по кат и просторија по просторија, извршувајќи дел од најопасните задачи. Истражувачите проценуваат дека технологијата потребна за ваков тип операции би можела да стане достапна во следните пет до десет години.

Во друго разработено воено сценарио, хуманоидите добиле задача да навлезат зад непријателските линии, да го мапираат теренот и да идентификуваат потенцијални цели.

Кинеските истражувачи разгледуваат и нивна употреба за патролирање, обезбедување воени објекти, извидувачки операции и извршување задачи кои би претставувале висок ризик за човечките војници.

Кина има сериозна индустриска основа за развој на ваква технологија. Според податоци на BofA Global Research, цитирани од „Ројтерс“, кинеските производители учествувале со околу 95 проценти од глобалните испораки на хуманоидни роботи во 2025 година.

Сепак, технологијата сè уште се соочува со значителни ограничувања. Меѓу главните проблеми се потрошувачката на енергија, сигурноста на системите и способноста роботите да функционираат во сложени и непредвидливи услови на вистинско бојно поле.

Засега нема докази дека кинеската армија располага со вооружени хуманоидни роботи кои веќе се распоредени во оперативни воени единици.

Кинеското Министерство за одбрана претходно нагласи дека оружените системи управувани со вештачка интелигенција треба да останат под човечка контрола.

Сепак, интензивното истражување покажува дека Пекинг сериозно ја разгледува улогата што хуманоидните роботи би можеле да ја имаат во идните конфликти – од извидување и обезбедување до најопасните операции во урбана средина.