Владата на Србија му испрати на претседателот Александар Вучиќ писмо со образложен предлог за распишување парламентарни избори, објавуваат српските медиуми.
Претходно, на денешната седница, Владата усвои одлука со која предлага распуштање на Народното собрание на Србија.
Премиерот Ѓуро Мацут порача дека изборите не претставуваат знак на слабост на државата, туку, според него, доказ за силата на демократските институции и довербата во граѓаните.
„Изборите се доказ за нескршливата сила на демократска Србија, која безрезервно му верува на својот народ. Ние им веруваме на граѓаните на Србија, веруваме во обединета Србија“, порача Мацут.
Тој предложи Владата, во согласност со Уставот, официјално да побара од претседателот на државата да го распушти Народното собрание и да распише избори за пратеници.
Според Мацут, изборите треба да претставуваат можност за зајакнување на институциите, намалување на политичките тензии и враќање на политичката борба од улиците во институциите.
Премиерот истакна дека актуелната влада ќе продолжи да ги извршува своите обврски со исто темпо сè до изборот на нов владин состав.
„Мандатот има свој крај, но одговорноста кон државата трае секој ден“, порача Мацут.
Со испраќањето на официјалниот предлог, следниот клучен потег е кај претседателот Александар Вучиќ, од чија одлука ќе зависи понатамошниот процес за распуштање на парламентот и распишување избори.









