Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски, упати честитка по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, нагласувајќи дека 8 Септември претставува ден на гордост, историско паметење и почит кон генерациите кои се бореле за македонската државност.
Димовски потсети дека на 8 септември 1991 година македонскиот народ преку референдум ја потврдил својата определба за слободна, независна и суверена држава.
„Тоа не беше само политички чин. Тоа беше чин на народната волја и достоинство, на историската свест и одговорност“, порача Димовски.
Според него, со референдумот била заокружена вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава и правото самостојно да одлучува за својата иднина.
„Државата Македонија не е случајност, не е подарок и не е туѓо дело. Таа е резултат на генерации Македонци кои верувале, истрајувале, се бореле и се жртвувале“, истакна претседателот на СПМ.
Во честитката Димовски се осврна и на предизвиците низ кои државата поминала во изминатите 35 години, оценувајќи дека и покрај тешките периоди, македонскиот народ успеал да опстои.
Тој порача дека денес да се биде Македонец не претставува само право, туку и обврска да се зачуваат идентитетот, македонскиот јазик, културата и историското паметење за идните генерации.
„Ние знаеме кои сме, знаеме што сакаме да бидеме, каде припаѓаме и сакаме нашата иднина да ја градиме тука – во нашата Македонија“, порача Димовски.
Претседателот на СПМ нагласи дека современиот суверенитет подразбира и силна економија, социјална правда и достоинствен животен стандард. Според него, потребно е да се вратат достоинството на работникот, сигурноста на семејствата и вербата дека трудот и чесноста се вреднуваат.
Честитката ја заврши со порака за единство и зачувување на македонската државност:
„Среќен 35-ти роденден, Татковино! Си била и ќе бидеш – Македонија! Да ни е вечна и вековита Македонија! Да живее Република Македонија!“, порача Љупчо Димовски.







