ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) Нови снимки го тресат светот 25 години по 11 септември: ФБИ ги имал само неколку дена по нападите

(ВИДЕО) Нови снимки го тресат светот 25 години по 11 септември: ФБИ ги имал само неколку дена по нападите

Досега необјавени снимки поврзани со истрагата за терористичките напади од 11 септември 2001 година отвораат нови прашања во САД, речиси 25 години по нападите во кои загинаа околу 3.000 луѓе.

Според истрага на „Би-Би-Си“, снимките го прикажуваат Саудиецот Омар ал-Бајуми, човек кој е во центарот на судскиот спор што семејствата на жртвите го водат против Саудиска Арабија.

Бајуми со години тврдел дека за време на престојот во САД бил обичен студент и ги отфрлал обвинувањата дека работел за саудиските власти или дека бил поврзан со екстремистички структури.

Меѓутоа, новообјавениот материјал, според „Би-Би-Си“, го прикажува во близок контакт со Анвар ал-Авлаки, кој години подоцна стана еден од најпознатите идеолози на Ал Каеда на Арапскиот Полуостров.

На една од снимките двајцата се прегрнуваат, додека друга прикажува група мажи како играат „пејнтбол“ во близина на Сан Диего. Меѓу учесниците бил и ал-Авлаки.

Особено внимание привлекува информацијата дека ФБИ дошол до снимките само неколку дена по нападите на 11 септември.

По нападите, Бајуми бил приведен од британската полиција, а материјалите биле пронајдени меѓу неговите лични работи. Меѓу нив наводно имало и цртеж на авион со равенка поврзана со лет и спуштање.

Според истрагата на „Би-Би-Си“, копии од материјалите добиле повеќе агенти на ФБИ, но дел од доказите наводно не стигнале до сите истражители што работеле на случајот, ниту до Комисијата за 11 септември.

Бајуми никогаш не бил кривично гонет.

Снимки со идниот лидер на Ал Каеда

Една од снимките, направена во 1997 или почетокот на 1998 година, прикажува група мажи на „пејнтбол“ во близина на Сан Диего.

Меѓу нив бил и Анвар ал-Авлаки, кој подоцна стана истакната фигура на Ал Каеда на Арапскиот Полуостров. Тој беше убиен во американски напад со дрон во Јемен во 2011 година.

На снимката се гледаат симулации на урбана борба и гаѓање, а дел од учесниците носат воена облека.

Според „Би-Би-Си“, Бајуми и ал-Авлаки учествувале на вакви собири во период од најмалку три години кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите.

Друга снимка од јануари 1998 година наводно ги прикажува двајцата како се прегрнуваат. Ова е значајно бидејќи Бајуми при испрашување во 2021 година тврдел дека не го познавал ал-Авлаки.

Зошто Бајуми е важен за истрагата?

Неговото име било пронајдено на договор за изнајмување стан потпишан од Наваф ал-Хазми и Калид ал-Михдар – двајца од идните киднапери на авионите на 11 септември. Тие подоцна учествувале во киднапирањето на летот „Американ ерлајнс 77“, кој удри во Пентагон.

Во тужбата на семејствата на жртвите се тврди дека Бајуми им помогнал на двајцата по нивното пристигнување во Калифорнија.

Снимките прикажуваат и негови средби со лица поврзани со саудиското Министерство за исламски прашања, што дополнително го отвора долгогодишното прашање дали поединци поврзани со саудиските државни структури им помагале на идните киднапери.

Саудиска Арабија и Бајуми со години категорично ги отфрлаат обвинувањата дека биле вмешани во нападите или дека однапред знаеле за нив.

Судот во 2018 година дозволи тужбата против Саудиска Арабија да продолжи, по што беа предадени илјадници страници документи, фотографии и видеоматеријали. Дел од документите подоцна беа декласифицирани.

Новите снимки сами по себе не докажуваат вмешаност во нападите, но повторно отвораат прашања за тоа што американските власти знаеле за Бајуми, кога го дознале тоа и зошто одредени траги не биле подетално истражени.

Видео: