Русија остро реагираше на распоредувањето напреден американски ракетен систем во Норвешка, предупредувајќи дека ваквиот потег дополнително ги влошува односите меѓу Москва и Вашингтон и практично ја сведува на минимум можноста за конструктивни разговори за стратешката стабилност.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за систем базиран на лансери Mk-41, кои можат да користат различни видови ракети, вклучително и крстосувачките ракети „Томахавк“.
Според Москва, особено загрижува можноста ракетите распоредени во Норвешка да достигнат голем дел од европската територија на Русија, вклучително и подрачјето на руската престолнина.
„Чекорите како распоредувањето американски ракети со среден дострел во Европа, кои претставуваат закана за Руската Федерација, ја сведуваат можноста за конструктивен дијалог со САД за стратешките прашања, благо кажано, на нула“, порача руското Министерство за надворешни работи.
Од Москва пристигна и дополнително предупредување. Русија соопшти дека посебно внимание ќе посвети на локациите каде што се распоредени американските ракетни системи, како и на нивните командни и контролни центри.
Според руските власти, овие локации би станале потенцијални цели во случај на директен воен конфликт.
Американските медиуми претходно објавија дека Вашингтон го распоредил новиот систем за лансирање ракети во Норвешка во текот на август.
Новиот потег дополнително ги зголемува тензиите во Европа во период кога односите меѓу Москва и Вашингтон остануваат исклучително чувствителни, особено околу прашањата поврзани со ракетното вооружување и стратешката нуклеарна стабилност.







