Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој беше осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, денеска ќе биде погребан на Топчидерските гробишта во Белград.
Телото на Младиќ ќе биде изложено во црквата „Свети Лука“ на Видиковац од 7 до 12 часот, по што е предвидено да започне опелото.
Според српските медиуми, уште од утринските часови голем број граѓани пристигнуваат пред црквата. Се формираат редици од луѓе кои чекаат да влезат во храмот каде што е изложен ковчегот.
Светозар Андриќ, член на тимот задолжен за организацијата на погребот, претходно за агенцијата СРНА изјави дека по опелото ќе биде формирана погребна колона која ќе се упати кон Топчидерските гробишта.
Таму Младиќ ќе биде погребан покрај неговата ќерка Ана.
Ратко Младиќ почина на 27 август, на 83-годишна возраст, во затворската болница во Хаг, каде што ја издржуваше казната доживотен затвор. Тој беше правосилно осуден од меѓународниот суд, меѓу другото, за геноцидот во Сребреница и за други злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.










