ПРВ.мк
Скопје

МАГЛАТА НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА: 20 летови откажани до пладне - еве што најавуваат за утре!

МАГЛАТА НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА: 20 летови откажани до пладне - еве што најавуваат за утре!
Kristal

Густата магла што со денови ја покрива скопската котлина и денеска сериозно го наруши авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Во интервалот од полноќ до 12 часот напладне биле откажани вкупно 20 летови, додека еден авион бил пренасочен кон друг аеродром.

Краткотрајно подобрување на временските услови имаше по 11 часот, кога успешно слетаа летовите од Дортмунд и Виена, а започната е и постапката за полетување на авион кон Хамбург.

Сепак, од Метеоролошката служба на М-НАВ предупредуваат дека подобрувањето е привремено. Намалена видливост се очекува и во остатокот од денешниот ден, како и во текот на утрешниот ден, што може повторно да предизвика проблеми во авионскиот сообраќај. Само вчера, до 18 часот, беа евидентирани 16 откажани и 11 пренасочени летови.

Од ТАВ Македонија апелираат патниците редовно да ги следат информациите од своите авиокомпании, нагласувајќи дека одлуките за полетување и слетување зависат од индивидуалните оперативни стандарди и толеранцијата на секоја компанија кон услови на намалена видливост.

„Меѓународниот аеродром Скопје не е затворен и функционира непречено. Аеродромот е целосно подготвен да ги опслужува авионите и патниците, без оглед на временските услови“, информираат од ТАВ Македонија.

FixCredit
Escape