Данската пошта најави дека на 30 декември ќе ја реализира последната достава на писма, со што симболично ќе стави крај на поштенска традиција што траела повеќе од четири века. Организираната поштенска служба во Данска постои уште од 1624 година, но дигиталната ера ја направи класичната пошта речиси излишна.
Како главна причина за оваа одлука се наведува драматичниот пад на испраќањето писма, кое во последните 25 години е намалено за над 90 проценти. Луѓето сè поретко користат хартиена кореспонденција, додека дигиталните канали и онлајн услугите целосно ја презедоа приматната улога.
Компанијата „PostNord“, која беше формирана во 2009 година со спојување на шведската и данската пошта, претходно соопшти дека ќе укине околу 1.500 работни места во Данска, како и ќе отстрани исто толку поштенски сандачиња. Според компанијата, доставата на писма веќе не е економски одржлива, за разлика од испораката на пакети, која бележи раст благодарение на интернет-трговијата.
Иако „PostNord“ ќе продолжи да доставува писма во Шведска, во Данска оваа услуга од 1 јануари ќе ја преземе приватната компанија „Dao“, која веќе оперира на пазарот и планира да го прошири обемот на своите услуги.
Интересно е што, и покрај општиот пад, истражувањата укажуваат на нов тренд кај помладата популација. Според податоци на „Dao“, лицата на возраст од 18 до 34 години испраќаат значително повеќе писма од другите возрасни групи – дури два до три пати повеќе. Тренд-аналитичарот Мадс Арлиен-Соборг смета дека станува збор за реакција на дигиталната заситеност и желба за поавтентична, лична комуникација.
Според данските закони, државата мора да обезбеди можност за испраќање писма, па доколку „Dao“ во иднина се повлече од оваа дејност, владата ќе има обврска да ангажира друг оператор.
Данска е меѓу најдигитализираните држави во светот. Националниот систем за дигитален идентитет „MitID“ се користи за речиси сите услуги – од банкарство и здравство, до официјална комуникација со институциите. Денес, 97 проценти од граѓаните постари од 15 години се регистрирани во системот, а само мал дел доброволно се откажале од дигиталната пошта.
„Бевме дел од данското општество повеќе од 400 години и ова не е лесна одлука. Но, реалноста е дека Данска стана целосно дигитална држава и класичните писма речиси исчезнаа. Со ваков пад на побарувачката, пазарот на писма веќе не може да опстане“, изјави заменик-извршниот директор на „PostNord Данска“, Ким Петерсен.
















