Рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност да оствари разговор со францускиот лидер Емануел Макрон, потврди денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во изјава за руската државна агенција РИА Новости. Веста веднаш беше позитивно примена од француското претседателство.
Според Песков, Путин смета дека директна комуникација со Макрон би имала позитивен ефект, доколку постои заемна политичка волја од двете страни. Тој нагласи дека ваквите разговори можат да придонесат кон дипломатски напредок.
Макрон, по завршувањето на неодамнешниот самит на Европската Унија во Брисел, истакна дека обновувањето на дијалогот со рускиот претседател може да биде од значење не само за Европа, туку и за Украина. Според него, европските земји треба директно да бидат вклучени во мировните преговори, а не да останат на страна додека процесот го водат исклучиво Соединетите Американски Држави.
„Не е добро Европа да комуницира преку посредници кои потоа разговараат со Москва. Тоа не е најефикасниот пристап“, порача Макрон.
Минатата недела во Берлин се одржа средба меѓу претставници на Украина, САД и европските земји, на која се разговараше за можни решенија за војната што Русија ја започна пред речиси четири години. За време на викендот, преговорите продолжија во Мајами, каде што американските претставници имаа нов круг разговори, а најавено е дека заклучоците од Берлин ќе им бидат пренесени на руските власти.
Рускиот претставник во преговорите, Кирил Дмитриев, првата фаза од разговорите ја оцени како конструктивна.
Од Елисејската палата ја поздравија изјавата на Путин за подготвеност за дијалог и најавија дека во наредниот период ќе се разгледа најсоодветниот начин за реализација на таков разговор.
„Добро е што Кремљ јавно ја поддржа оваа иницијатива. Во следните денови ќе одлучиме како најдобро да се пристапи кон нејзино спроведување“, соопшти француското претседателство.
Франција нагласи дека секој контакт со Москва ќе се одвива целосно транспарентно во координација со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европските партнери, а главната цел останува постигнување стабилен и траен мир за Украина.
Од Париз потсетија дека руската инвазија и ставовите на Путин практично го замрзнаа дијалогот во изминатите три години, но со појавата на реални шанси за прекин на огнот и мировен процес, повторното отворање на дипломатски канали повторно добива смисла.
Последниот телефонски разговор меѓу Макрон и Путин се одржа на 1 јули, што беше прва директна комуникација меѓу нив по три години, но тогаш не беше постигнат напредок и беа само потврдени различните позиции на двете страни.
















