„Воздухот пече во грлото, очите солзат, а дишењето станува сè потешко“ – вака скопјани го опишуваат секојдневието додека екстремното загадување повторно го обви главниот град. Последиците веќе сериозно се одразуваат врз здравствениот систем, кој се соочува со зголемен број пациенти, особено деца.
Здравствените установи бележат наплив на лица со респираторни тегоби, а најзагрозени се хронично болните, астматичарите и оние со белодробни заболувања. Во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, состојбата е алармантна: дневно се извршуваат околу 150 прегледи, додека околу 60 деца во моментот се хоспитализирани.
Докторката Поповска предупредува дека загадениот воздух особено негативно влијае врз најмладите, бидејќи нивните бели дробови сè уште се во развој, а имунолошкиот систем е послаб.
„Децата се активни, одат во градинки и училишта и не може целосно да се изолираат од надворешната средина. Носењето маски би помогнало, но за нив тоа е тешко изводливо. Затоа најважно е родителите да ги задржат дома кога загадувањето е на екстремно високо ниво“, советува д-р Поповска.
Медицинските лица упатуваат апел до образовните институции да обезбедат прочистувачи за воздух, со цел децата барем во затворен простор да бидат изложени на поквалитетен воздух.
Воедно, докторката испрати и дополнително предупредување до родителите:
„Болните деца не треба да се носат во градинки, бидејќи вирусните инфекции се во пораст и веќе бележиме голем број случаи.“
Додека градот е обвиткан во смог и магла, само неколку километри погоре, сликата е сосема различна. На Водно, кај Милениумскиот крст, денеска владее сончево време и чист воздух. Голем број граѓани го искористија денот за кратко бегство од загадената долина, во обид барем накратко да земат здив далеку од „гасната комора“ во која се претвори Скопје.
















