Министерството за внатрешни работи упати јавен апел до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена претпазливост при управување со возила, особено во услови на намалена видливост, но и строго да се воздржат од возење доколку консумирале алкохол за време на предновогодишни прослави и семејни собири.
Од МВР информираат дека само на подрачјето на СВР Скопје, во периодот од 15 до 20 декември, биле евидентирани вкупно 53 сообраќајни незгоди, поради што полициските контроли продолжуваат со засилен интензитет и во наредниот период.
„Ги повикуваме сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите, задолжително да користат соодветна зимска опрема и во никој случај да не управуваат возило под дејство на алкохол. Апелираме на соработка со полицијата и навремено пријавување на секое нарушување на јавниот ред и мир, во полициска станица или преку броевите 192 и 112“, соопштуваат од Министерството.
Посебно внимание, како што нагласуваат од МВР, се посветува и на спречување на нелегалната употреба на пиротехнички средства, активности кои во овој период се реализираат со зголемена динамика, поради честата употреба на петарди и друга пиротехника пред новогодишните празници.
Целта на овие мерки е подигање на свеста, особено кај младите и нивните родители, дека пиротехниката не претставува забава, туку сериозна опасност која може да предизвика тешки и трајни последици по здравјето.
















