ПРВ.мк
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се врти во круг без вистинска промена - дали останува под сенка на Заев?

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се врти во круг без вистинска промена - дали останува под сенка на Заев?
Kristal

ВМРО-ДПМНЕ упати остра критика до СДСМ поради последните кадровски одлуки во партијата, оценувајќи дека најавената обнова е само формална и дека во суштина се продолжува со истите луѓе и политики од периодот на поранешниот лидер Зоран Заев.

Според владејачката партија, именувањето на Александар Наумоски и Драган Крајовски за членови на Извршниот одбор на СДСМ не претставува промена, туку свесен избор да се задржи постојниот модел на функционирање. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквите одлуки покажуваат отсуство на вистинска кадровска свежина и дистанца од минатото.

Во реакцијата се наведува дека Наумоски, во периодот кога бил градоначалник на општина Ѓорче Петров, оставил бројни нерешени прашања, меѓу кои проблеми со водоснабдувањето, недостиг од места во детските градинки и долготрајно постоење на депонија која претставувала сериозен еколошки ризик. Дополнително, од партијата посочуваат дека тој на почетокот на мандатот ја зголемил сопствената плата, а во последните месеци од функцијата се обидел забрзано да протурка повеќе урбанистички планови, што, според нив, не било во интерес на граѓаните.

Во соопштението се спомнуваат и сомнежи за нерегуларности при јавни набавки за време на неговиот мандат, вклучувајќи и набавка на опрема за градинка по, како што се наведува, значително повисоки цени од вообичаените, од фирми кои често добивале тендери.

За Драган Крајовски, поранешен директор на затворот „Црн мост“ во Битола, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека неговото раководење било проследено со сериозни пропусти и недоволна транспарентност. Како примери се наведуваат инцидент со пожар во затворска ќелија во кој бил повреден осуденик, користење европски средства за реновирање на објект што набрзо покажал знаци на распаѓање, како и наводна злоупотреба на службени возила за приватни цели.

Партијата оценува дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овие кадровски избори ги претставува како реформски чекор, но според ВМРО-ДПМНЕ, тоа претставува потценување на јавноста и јасен сигнал дека СДСМ нема намера да се оттргне од влијанието на старото партиско раководство.

„Со изборот на истите луѓе од минатото, СДСМ покажува дека суштински промени нема“, се наведува во реакцијата.

FixCredit
Escape