Додека Скопје и денес е покриено со густа магла и тешко загадување, само неколку стотини метри повисоко владее сосема поинаква атмосфера. Голем број скопјани го искористија слободниот ден за бегство кон Водно, во потрага по сонце и почист воздух.
Поради појавата на температурна инверзија, во скопската котлина владее студено и сиво време со видливост ограничена на околу 200 метри, додека на Средно Водно и кај Милениумскиот крст времето е сончево, а воздухот значително посвеж и почист.
Како резултат на тоа, пристапните патишта кон планината се значително оптоварени. Забележана е засилена фреквенција на возила, а паркинг-просторите се речиси целосно исполнети.
Истовремено, голема е и раздвиженоста кај жичницата, каде граѓаните трпеливо чекаат ред за искачување до врвот. Оттаму, погледот кон Скопје, кое се наоѓа под густ „покрив“ од магла и смог, нуди впечатлива, но загрижувачка слика.
За многумина, Водно во вакви денови останува единствено прибежиште каде барем накратко можат да вдишат чист воздух, особено откако утрово Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови во Европа.
















