Рушењето на дел од зградата на Работничкиот универзитет во Велес е директно поврзано со ископувањето на градежна јама веднаш до објектот, утврдил судскиот вештак д-р Владимир Витанов, професор на Градежниот факултет во Скопје.
Во својот стручен наод, Витанов посочил дека јамата била ископана на опасно мало растојание од постојниот објект, што, според него, било клучната причина за уривањето.
„Од непосредниот увид на терен јасно се гледа дека ископот бил изведен веднаш до зградата. Дополнително, тоа е потврдено и преку фотографиите од полицискиот увид, кои беа доставени како доказен материјал“, изјави Витанов, сведочејќи пред Основниот суд во Велес.
Претходно, и надзорот и проектантот во постапката истакнале дека при ваков тип ископи задолжително е користење на заштитни конструкции (кампади), што во конкретниот случај не било применето.
Еден од инвеститорите на објектот што се градеше во непосредна близина, Абдурахман Шаботиќ, во своето сведочење наведе дека градежните активности непосредно пред уривањето не ги извршувала обвинетата фирма, туку друга компанија. Тој истакна дека не постоел проект за заштита ниту на градежната јама, ниту на околните објекти.
„Ископот го вршеше фирмата ‘Беровиќ транспорт‘ три дена, по што ги повлековме машините. Се копаше до длабочина што ја одредуваше Сабит, сопственикот на ‘Бени Амар‘. Немавме проект за заштита. Подоцна, за тампонирање и подготовка за бетонирање беше ангажирана фирмата ‘Рубин коп‘, но не од наша страна, туку од Сабит. Тие работеа минимално и тоа од спротивната страна – кон Вардар, а не кон Работничкиот универзитет“, рече Шаботиќ.
Проектантот, пак, изјави дека поголем фокус бил ставен на соседната куќа која била директно прилепена до градилиштето, додека Работничкиот универзитет бил на поголемо растојание и не бил третиран како критичен објект.
За време на рочиштето, јавната обвинителка Анастасија Миланова го соочи сведокот Шаботиќ со негови претходни изјави во Обвинителството, во кои не ги навел деталите што сега ги изнесе пред судот. Шаботиќ потврди дека потписот на записникот е негов.
Бранителката на обвинетиот Рифат Беровиќ, пак, посочи и на друга изјава на сведокот дадена на 20 ноември 2024 година, во која тој изјавил дека уривањето се случило откако започнала градбата под водство на Сабит, а не додека работела фирмата на Беровиќ. Сведокот повторно го призна потписот, но изјави дека во таа изјава направил грешки.
За уривањето на дел од објектот „Благоја Страчковски“ се обвинети Рифат Беровиќ (38) за кривично дело тешки дела против општата сигурност, како и правното лице ДТТУ „Беровиќ транспорт“, со одговорно лице Елвид Сарачевиќ, за предизвикување опасност при изведување градежни работи. Обвинетите не ја прифаќаат вината.
Според обвинителниот акт, изведувачите, како лиценцирана градежна фирма, биле должни пред почетокот на ископот да обезбедат проект за заштита на јамата и соседните објекти, како и присуство на стручен надзор. Наместо тоа, започнале со широк ископ без соодветна документација, директно покрај темелите на Работничкиот универзитет.
Како резултат на таквото постапување, на 17 јуни 2022 година дојде до уривање на дел од објектот.
















