СВР Охрид поднесе кривична пријава против 73-годишен охриѓанец, осомничен дека противзаконски присвоил дел од јавното земјиште во крајбрежниот појас на Охридското Езеро.
Против лицето со иницијали А.Л. е поведена постапка поради сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“, соопшти полицијата.
Според официјалните информации, осомничениот без никакво одобрение извршил градежни активности на катастарска парцела која е евидентирана како „Охридско Езеро“ и е класифицирана како земјиште од општа, јавна намена.
На спорната локација, тој изградил камен ѕид, со што фактички оградил дел од државното крајбрежје и го припоил кон својата приватна парцела, користејќи го јавниот простор како продолжение на дворот на својата семејна куќа.
Случајот е пријавен до надлежното обвинителство, а институциите ќе постапуваат за утврдување на одговорноста и враќање на земјиштето во првобитна состојба.
















