ПРВ.мк
Топ Вести

Загрижувачки бројки од социјалната политика: Работни места чекаат, семејства преживуваат од помош - што се случува?

Загрижувачки бројки од социјалната политика: Работни места чекаат, семејства преживуваат од помош - што се случува?
Kristal

Иако илјадници лица во земјава примаат социјална помош, на пазарот на труд и понатаму недостига работна сила, а околу 18 илјади работни места остануваат непополнети. Според заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, потенцијал за вработување постои, но проблемот лежи во начинот на кој е поставен целиот систем.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Велковски истакнува дека не е доволно само Министерството за социјална политика да спроведува активни мерки, туку е неопходен координиран пристап на сите ресори во државата.

Тој посочува дека во системот на социјална заштита моментално има околу 32 илјади семејства кои користат гарантирана минимална помош, при што во голем дел од тие домаќинства има повеќе полнолетни и работоспособни членови.

„Тоа покажува дека постои човечки потенцијал, но ни е потребно целосно репрограмирање на системот. Само со заедничка акција на сите институции можеме да ги активираме ресурсите кои со години се надвор од пазарот на труд и да го надоместиме недостигот од работници“, вели Велковски.

Во однос на забелешките за доцнењето на исплатите на социјалните надоместоци минатиот месец, заменик-министерот објаснува дека законската рамка не предвидува прецизен датум за исплата, туку само обврска средствата да се исплатат во тековниот месец.

Според него, исплатата реализирана на 11 декември не претставува прекршување на законот, туку е дел од постоечката практика која со години се применува. Како причина за неколкудневното поместување, тој ја наведува дополнителната прераспределба на буџетските средства што беше направена по усвојувањето на Буџетот за 2026 година.

Велковски уверува дека со усвоениот буџет е обезбедена стабилност и редовна исплата на сите права од социјалната и детската заштита во текот на целата 2026 година.

Говорејќи за дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, тој посочува дека станува збор за долгогодишен проблем, кој може да се ублажи со зголемување на бројот на вработени и уплатувачи на придонеси. Како што вели, слични предизвици имаат и развиени европски држави, како Германија и Швајцарија, поради стареењето на населението.

Дополнително, тој информира дека од вкупно околу 40 милиони евра што државата годишно ги издвојува за активни мерки за вработување, дури 60 проценти се наменети за млади лица.

Целта на овие мерки, според него, е младите до 29 години да се охрабрат да останат во земјава – дел преку отворање сопствени бизниси и стартапи, а дел преку вработување кај поголеми и стабилни компании.

Како уште еден сериозен предизвик, Велковски ја посочува и сивата економија, која директно го ослабнува пензискиот систем, поради што, како што најавува, контролите кај работодавачите се засилени.

FixCredit
Escape