Светите Јоаким и Ана долги години живееле во брак без деца. Половина век поминале во тишина, трпение и молитва, носејќи ја болката на бездетството со вера и смирение. Кога веќе биле во поодминати години, Бог ја покажал Својата милост.
Архангелот Гавриил им се јавил одделно на двајцата и им ја соопштил радосната вест дека нивните молитви се услишени. Им било откриено дека ќе станат родители на ќерка, избрана од Бога – Марија. Таа ќе стане Мајка на Спасителот и благослов за целиот човечки род.
Света Ана зачнала од својот сопруг и по девет месеци ја родила Пресветата Дева Марија, Онаа преку која светот ќе Го прими воплотениот Син Божји. Овој настан претставува почеток на исполнувањето на Божјиот план за спасението на човештвото.
Смисла на тропарот: Денот на зачнувањето ја означува победата над човечката немоќ. Бог ја слушна молитвата на Јоаким и Ана и ја отстрани нивната болка, ветувајќи им раѓање на Богоизбраната Дева. Преку Неа, Неискажливиот Бог стана човек, а небесните сили ѝ принесуваат пофалба како на благодатна и избрана од Господа.
Смисла на кондакот: Целиот свет се радува на зачнувањето на Ана, зашто преку неа се роди Таа што на неискажлив начин Го роди Словото Божјо.
Света Ана – мајката на пророкот Самуил
Света Ана, сопруга на Елкан од Арматем (Ариматеја), долго време страдала поради неплодноста. Нејзината тага била длабока, но никогаш не ја изгубила надежта во Бога. Со солзи и искрени молитви, таа постојано Му се обраќала на Господ, барајќи милост.
Бог ја услишал нејзината молитва и ѝ подарил син – Самуил. Ана уште од неговото раѓање го посветила на служба на Бога. Самуил подоцна станал еден од најголемите пророци на Израил, духовен водач на народот и помазател на царевите Саул и Давид.
Во знак на благодарност, Света Ана Му принесла на Бога песна полна со духовна длабочина и убавина, која и денес се чита и пее во црковните богослужби.
Смисла на тропарот: Твојата душа се исполни со радост во Господа, а таа радост преку твојата вера и молитва им беше подарена и на верните. Плодот што Бог ти го даде послужи за спасение на многумина, па затоа Црквата со љубов и благодарност го прославува твојот свет спомен.
Денешниот ден е празник на чуда за сите жени, особено за оние кои имаат мали деца или сакаат да добијат. Денес, според обичаите, жените не треба да работат ништо, а пак жените кои имаат проблем со зачнување треба да одат во манастир да се молат. Некои таму остануваат и по три дена.Постои обичај, мајките со женските деца да одат околу куќата и да фрлаат пепел и просо за да ја зачуваат куќата од зли духови. Жените не работат во текот на денот, а некои бдееат цела ноќ додека не ги слушнат првите петли. Кога ќе ги слушнат велат: „Слушам, слушам петле, свое чувам селско збирам“.
















