ПРВ.мк
Магазин

Денес се празнува Преподобен Патапиј - Старо верување вели: Денес не правете ја оваа работа!

Денес се празнува Преподобен Патапиј - Старо верување вели: Денес не правете ја оваа работа!
Kristal

Свети Патапиј потекнувал од побожно семејство во Тива, во Мисир, каде уште од најрана возраст бил воспитуван во вера, побожност и страв Божји. Уште млад ја согледал минливоста и празнината на земниот живот, па свесно се откажал од светските уживања и се повлекол во Мисирската пустина. Таму му се посветил на строг подвижнички живот, трудејќи се преку пост, молитва и смирение да го очисти срцето од сите земни желби, воден од искрена љубов кон Бога.

Со текот на времето, неговите добродетели и духовна сила станале познати, па многумина почнале да доаѓаат кај него барајќи утеха и избавување од своите страдања. Плашејќи се од човечката слава, која го затемнува умот и го оддалечува човекот од Бога, Свети Патапиј решил да ја напушти пустината и да се пресели во Цариград. Верувал дека полесно ќе остане незабележан меѓу мноштвото луѓе во големиот град, отколку во осамената пустина.

Во близина на црквата Влахерна си изградил мала колиба и таму, далеку од очите на јавноста, продолжил со својот тивок и строг испоснички живот. Но светлината на вистинската добродетел не може долго да остане скриена. По Божја промисла, кај него дошло момче слепо од раѓање и го замолило да се помоли за негово исцеление, за да може да го види Божјото создание и уште повеќе да Го слави Создателот. Светителот се сожали, се помоли усрдно и момчето прогледа.

Ова чудо брзо се проширило низ престолнината и луѓето почнале масовно да доаѓаат кај него, барајќи исцеление, совет и духовна поткрепа. Со силата на молитвата и знакот на Крстот, Свети Патапиј исцелил угледен човек од тешка болест, ослободил момче од нечист дух и излекувал жена со тешка рана, исполнета со црви. Уште многу други чуда се случиле преку неговата вера и повикувањето на името Христово.

Свети Патапиј се упокоил во длабока старост и во VII век се преселил во Небесното Царство, оставајќи зад себе светол пример на смирение, вера и Божја благодат.

FixCredit
Escape