Општина Охрид направи значаен чекор кон поеколошки и пофункционален сообраќај со набавка на нови електрични возила наменети за превоз во стариот дел на градот. Целта е да се намали сообраќајниот метеж, бучавата и загадувањето, особено во туристичката сезона кога притисокот врз старото градско јадро е најголем.
Набавката е реализирана во рамки на проектот „Општина Охрид станува зелена, паметна и иновативна (OHRID GO)“, кој се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за општините“.
Според информациите од локалната самоуправа, обезбедени се вкупно седум електрични возила, прилагодени за движење низ чувствителното подрачје на старото градско јадро. Возниот парк се состои од едно возило со капацитет од осум патници, четири возила со по четири седишта и две помали возила со по две седишта. Вкупната инвестиција за електричните возила изнесува 26.981.629 денари.
Покрај тоа, набавени се и 60 „паметни“ велосипеди, кои ќе бидат достапни на 10 различни локации низ градот. Граѓаните и туристите ќе можат да ги користат велосипедите преку специјална мобилна апликација, со што се овозможува модерен и флексибилен начин на движење низ Охрид и неговата околина. Вредноста на оваа набавка е 5.031.670 денари, а велосипедите се ставени на располагање на ЈП „Билјанини Извори“.
Од Општина Охрид нагласуваат дека ваквите инвестиции се дел од долгорочната стратегија за развој на зелена мобилност и усогласување со европските стандарди за заштита на животната средина.
„Со воведувањето на електричните возила и смарт велосипедите започнуваме конкретно да го решаваме проблемот со сообраќајниот метеж во стариот дел на градот. Истовремено го намалуваме загадувањето и јаглеродниот отпечаток и нудиме современи, одржливи алтернативи за урбана мобилност“, истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
















