ПРВ.мк
Свет

Патниците заглавени на аеродроми - што се случува на границите со ЕУ?

Патниците заглавени на аеродроми - што се случува на границите со ЕУ?
Kristal

Дигиталниот систем за контрола на границите на Европската Унија – Entry/Exit System (ЕЕС) – предизвикува сериозни доцнења на пасошката контрола и повеќечасовни метежи на аеродромите, соопшти Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) со седиште во Брисел.

Според ACI, времето потребно за гранични проверки е зголемено за дури 70 проценти, поради дополнителните процедури што ги воведува новиот систем. ЕЕС, чија имплементација започна во октомври 2025 година, бара земање отпечатоци од прсти и регистрирање на биометриски податоци, што значително го успорува процесот.

Во моментов, околу секој десетти патник поминува низ дигитална регистрација, но од 9 јануари 2026 година тој удел треба да се зголеми на 35 проценти, објави весникот Индепендент.

Генералниот директор на ACI Europe, Оливие Јанковец, предупреди дека доколку не се надминат оперативните проблеми, зголемувањето на бројот на патници опфатени со ЕЕС ќе доведе до уште поголеми застои и сериозни нарушувања во работењето на аеродромите и авиокомпаниите.

„ЕЕС не смее да значи хаос за патниците и неред на нашите аеродроми“, порача Јанковец, додавајќи дека постои и потенцијален ризик за безбедноста.

Најпогодени од проблемите се аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија. ACI апелира за забавување на темпото на имплементација на системот, кој треба целосно да стапи во функција до 9 април 2026 година, наведувајќи технички проблеми, недостиг од персонал и чести застои.

Од друга страна, Европската комисија ги отфрла тврдењата дека системот создава сериозни проблеми. Портпарол на Комисијата изјави дека ЕЕС функционира успешно од неговото лансирање на 12 октомври 2025 година, додавајќи дека повеќе од половина од патниците веќе се регистрирани и дека времето за обработка се намалува како што службениците стекнуваат искуство.

Комисијата нагласува и дека земјите-членки имаат можност делумно или целосно да го суспендираат системот во исклучителни околности, со цел да се избегнат големи застои во периоди на зголемен патнички сообраќај.

FixCredit
Escape