Грчките безбедносни служби уапсија вкупно 12 лица, од кои половина се малолетници, во рамки на голема полициска акција против организирана трговија со дрога во регионот Атика.
Како што објавува весникот „Катимерини“, Дирекцијата за безбедност на Атика открила криминална група која подолг период продавала кокаин и хашиш, при што дел од нелегалните активности се одвивале директно во средно училиште.
Според истрагата, групата во изминатите најмалку два месеци реализирала над 200 трансакции со наркотични средства. Дрогата не се дистрибуирала само во училишните простории, туку и на јавни места, како плоштади и други локации. Посебно загрижува фактот што трговијата продолжила и за време на петдневна училишна екскурзија.
Полицијата дошла до случајот по добиени информации за малолетници кои продавале дрога на свои соученици и врсници. Истражните органи утврдиле дека зад целата операција стоеле шест полнолетни лица, кои биле задолжени за набавка, складирање и организација на продажбата, додека малолетниците биле користени како дистрибутери.
Во рамки на акцијата уапсени се и наводниот водач на групата, како и неговиот заменик. Против сите осомничени е поведена кривична постапка, а тие се изведени пред обвинител и истражен судија, кои им одредиле рок за изјаснување.
















