ПРВ.мк
Скопје

Ѓорѓиевски најавува крај на хаосот во сообраќајот-Скопје добива 55 нови автобуси и нов почеток во јавниот превоз!

Ѓорѓиевски најавува крај на хаосот во сообраќајот-Скопје добива 55 нови автобуси и нов почеток во јавниот превоз!
Kristal

Од понеделник, скопјани конечно ќе почувствуваат олеснување во јавниот превоз – на улиците повторно ќе се појават уште 55 автобуси од приватните превозници, кои ќе сообраќаат на линиите низ градот. Ова е првиот чекор од планот на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој денеска на свеченоста ги пречека автобусите и направи увид во нивната состојба, дури и забележувајќи на некои технички детали.

До крајот на годината, најавено е дека ќе бидат активирани уште 20 автобуси, а преку Владата се очекува набавка на 80 нови автобуси за ЈСП до март 2026 година.

Оваа акција доаѓа по средбата на градоначалникот со тројца претставници на приватните превозници, на која се договориле за заедничка стратегија за стабилизирање на јавниот превоз.

„Додека граѓаните чекаа автобуси на студ, некои луѓе си ги полнеа џебовите. Тоа мора да престане и за тоа ќе има одговорност,“ изјави Ѓорѓиевски, алудирајќи на неправилностите и злоупотребите во претходните три години.

Според претставниците на приватните превозници, Градот должи околу 180 милиони денари, но тие изразија подготвеност да продолжат со работа и да помогнат во обновувањето на системот.

„Приватните превозници се клучен дел од јавниот превоз. Работиме на реорганизација на линиите и воведување на еколошки автобуси. Нашата цел е возниот ред повторно да се почитува, а граѓаните да не чекаат со часови, “ изјави Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, пак, повика надлежните органи да ги истражат сите сомнителни случаи поврзани со досегашното управување во ЈСП, каде што, според него, има индиции за злоупотреба на градскиот буџет преку сомнителни набавки на резервни делови.

Скандалозно е и тоа што, како што откри тој, неколку сосема нови автобуси со нулта километража никогаш не биле пуштени во употреба, туку биле демонтирани за замена на делови.

Со овие потези, Ѓорѓиевски најавува целосно рестартирање на јавниот превоз во Скопје, кој во последните години се соочи со колапс, редуцирани линии и незадоволни патници.

Escape