Вечерва, од паркингот кај хотелот „Александар Палас“, започна големата акција наречена „Ѓубре офанзива“, со која новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, официјално го започна чистењето на главниот град. Во акцијата активно се вклучија премиерот Христијан Мицкоски, сите скопски градоначалници, бројни хигиеничари од ЈП „Комунална хигиена“, како и тешка механизација.
Главната цел на акцијата е да се исчисти и ослободи Скопје од наталожениот смет, кој со години претставува проблем за жителите на градот. Ѓорѓиевски најави трнодневна офанзива, во која сите јавни служби ќе бидат мобилизирани за да се врати редот и хигиената во метрополата.

Во рамките на акцијата ќе се работи интензивно на собирање на отпадот, миење на улиците, плоштадот „Македонија“ и кејот на реката Вардар. Тимови од јавните претпријатија се распоредени во сите делови на градот, со цел за рекордно време да се отстрани нечистотијата и насобраниот отпад.
На почетокот на акцијата пристигнаа и градоначалниците од Аеродром – Дејан Митески, Кисела Вода – Бети Стаменковска Трајкоска, Карпош – Сотир Лукровски, Гази Баба – Бобан Стефковски и Ѓорче Петров – Александар Стојковски, кои дадоа поддршка на заедничката иницијатива за почисто и поуредено Скопје.

„Скопје мора да биде чист, достоинствен и уреден град. Ги мобилизиравме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека тоа е можно,“ изјави Ѓорѓиевски на стартот на акцијата.
Граѓаните очекуваат оваа операција да не остане само симболична, туку да биде почеток на системско решение за чистотата во градот.
Во меѓувреме, социјалните мрежи се преплавени со фотографии и видеа, главно објавени од премиерот и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од Скопје, кои го документираат почетокот на оваа долго најавувана акција за ново, почисто лице на македонската метропола.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА
















