ПРВ.мк
Скопје

Орце Ѓорѓиевски најави „војна против хаосот“ во Скопје – започнува од полноќ!

Орце Ѓорѓиевски најави „војна против хаосот“ во Скопје – започнува од полноќ!
Kristal

Со букет цвеќе во рака и без големи церемонии, новоизбраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја презеде функцијата од својата претходничка Данела Арсовска. Средбата помеѓу двајцата траела помалку од еден час и, според присутните, поминала во исклучително студена атмосфера. Арсовска не даде изјава по напуштањето на Градското собрание.

Ѓорѓиевски веднаш најави масовна акција за чистење на Скопје, која започнува вечерва на полноќ и ќе трае 72 часа. Акцијата ќе вклучува миење на булеварите, плоштадите и јавните простори.

– „Првиот чекор е чист град. Ќе подготвиме и ребаланс на буџетот, кој треба брзо да го усвоиме. Со тоа ќе започнеме и реализација на нови проекти – проекти кои со години беа занемарени“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој посочи четири клучни инфраструктурни приоритети:

  • изградба на врската кај „Момин Поток“,
  • завршување на булеварот „Борис Трајковски“,
  • и изградба на два нови моста – еден кај „Љубљанска“, а другиот кај „Генерал Апостол“, кој ќе ја поврзе Општина Аеродром со Гази Баба.

Новоизбраниот градоначалник најави и широки кадровски промени во јавните претпријатија, со отпуштања и можни кривични пријави против вработени кои, како што рече, „земале плата, а не доаѓале на работа“.

– „Без разлика на партиска, етничка или верска припадност – секој што ја злоупотребил својата позиција ќе биде разрешен уште денес. Ќе следуваат ревизии и кривични пријави“, порача Ѓорѓиевски.

Додека траеше неговата изјава, веќе почна демонтирањето на рампите за евиденција на вработените на влезот во градските канцеларии – симболично означувајќи почеток на новата градска управа.

За утре, градоначалникот најави и средба со приватните превозници, со цел конечно решавање на кризата во јавниот превоз. Како итна мерка, најави дека уште 60 нови автобуси ќе бидат пуштени во сообраќај за стабилизирање на градските линии.

„Скопје ќе биде поорганизиран, почист и посилен град – тоа го должиме на граѓаните,“ заврши Ѓорѓиевски.

Escape