Во еден од најшокантните случаи во германското здравство, болничар од одделот за палијативна нега во градот Вирселен, западна Германија, е осуден на доживотна затворска казна поради убиство на десет пациенти и обид за убиство на уште 27 лица.
Според обвинителството, мажот, чиј идентитет не е откриен поради германските закони за заштита на приватноста, им вбризгувал на своите пациенти смртоносни дози на морфиум и мидазолам – седатив што се користи во медицината – со цел да го намали обемот на работа во текот на ноќните смени.
Злосторствата се случувале во периодот од декември 2023 до мај 2024 година, а најголем дел од жртвите биле возрасни и тешко болни пациенти, кои се лекувале во одделот за палијативна нега.
Истражителите соопштија дека во тек е испитување на дополнителни сомнителни случаи од кариерата на осудениот, а се наредени и ексхумации на повеќе тела за да се утврди дали постојат други потенцијални жртви.
Обвинителите во судот во Ахен изјавија дека болничарот покажувал недостаток на емпатија и длабока раздразливост кон пациентите кои барале поголемо внимание и нега. „Тој се однесувал како господар на животот и смртта“, изјавиле обвинителите, нагласувајќи дека неговите постапки биле мотивирани од чиста себичност и замор од работата.
Осудениот работел во болницата во Вирселен од 2020 година, а бил уапсен во 2024 по интерна истрага и пријави од медицински колеги кои забележале сомнителни смртни случаи.
















