Во само четири дена од почетокот на ноември, на македонските патишта животот го загубија шест лица. Министерството за внатрешни работи предупредува дека непочитувањето на сообраќајните правила и човечката неодговорност се главните причини за овие трагедии.
Од почетокот на 2024 година до крајот на октомври, во сообраќајни несреќи низ земјата загинале 115 лица. „Во текот на минатата година бројот на жртви изнесуваше 142. Но, тоа не се само бројки – тоа се човечки животи, нечии синови, мајки, деца и сопружници. Не смееме да дозволиме сообраќајот, кој е дел од нашето секојдневие, да стане извор на трагедии и болка,“ порачаа од МВР.
Според статистиките на Министерството, најчестите причини за сообраќајните несреќи со фатален исход се користење на мобилен телефон при возење, недозволена брзина и управување со возило под дејство на алкохол. Затоа, МВР уште еднаш апелира до сите возачи да ги остават мобилните телефони додека возат, да ја почитуваат ограничената брзина и никогаш да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол.
„Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи – не го ставајте во ризик вашиот живот, ниту животот на вашите најмили. Секоја непромислена одлука може да има трагични последици,“ велат од Министерството.
Особен апел е упатен до родителите – да не им дозволуваат на децата да управуваат какво било возило без соодветна обука, дозвола и надзор. „Сообраќајната култура мора да се вгради во децата уште од најрана возраст, а тука клучна улога имаат родителите и образовниот систем,“ стои во соопштението.
МВР потсетува дека безбедноста на патиштата не зависи само од полицијата и контролите, туку од свеста и одговорноста на секој поединец зад воланот.
„Една непромислена одлука – возење со телефон во рака, пребрзо возење или возење под дејство на алкохол – може да значи крај на еден живот. Да возиме со ум, не со емоции. Да не дозволиме нашето невнимание да биде причината некој да не се врати дома,“ порачуваат од Министерството за внатрешни работи, најавувајќи засилени контроли и постојана борба за побезбедни патишта.
















