Во рамките на Еразмус+ проектот „Уметничко патување кон зелена иднина“ (Artistic Journey to Green Future), денес Собранието на Република Северна Македонија го посетија професори од сите нивоа на образование од Хрватска, Турција, Малта и Шпанија.
Посетата беше организирана во соработка со Фондацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“, а од страна на Нена Неновска – Ѓорѓиевска гостите беа запознаени со активностите и целите на проектот. Следеше конструктивна дискусија посветена на темите што ги поврзуваат образованието, уметноста и заштитата на животната средина.
Професорите имаа можност да ја разгледаат зградата на Собранието и да се сретнат со пратениците Велика Стојкова Серафимовска и Тони Јаревски, членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во отворен разговор се дискутираше за состојбата со животната средина во земјава, вклучувајќи ги темите за заштита на водите, почвата и воздухот, како и за третманот на цврстиот отпад и другите предизвици во оваа област. Пратениците ги информираа гостите за активностите на неформалната „Зелена група“ во Собранието, која работи на унапредување на еколошките политики и зголемување на јавната свест за климатските промени.
Средбата изобилуваше со прашања, дискусии и размена на добри практики од различни европски држави, со заедничка порака дека одржливиот развој и заштитата на природата се заедничка обврска и одговорност на сите.
Посетата претставува уште еден пример на успешна соработка меѓу образовните институции и Собранието, како и потврда за важноста на интеркултурниот дијалог и споделувањето искуства во насока на создавање позелена и поодржлива иднина.
















