Судска одлука што ја потресе Србија: Малиот монструм и неговите родители должни да платат речиси три милиони евра на семејствата на жртвите од „Рибникар“
Детето-убиец од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, заедно со неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ, се соочува со обврска да исплати околу 2,93 милиони евра обештетување на семејствата на убиените деца, на наставничката Татјана Стевановиќ и на двајца ранети ученици. Иако сумата е прецизно одредена со судска пресуда, останува неизвесно дали семејството ќе може да ја подмири оваа огромна финансиска обврска, пишува Мондо.
Кон крајот на минатата година, Вишиот суд во Белград донесе пресуда со која убиецот, неговите родители и самото училиште се солидарно задолжени да исплатат речиси три милиони евра на 27 членови на семејствата на убиените ученици, како надомест за нематеријална штета и претрпени душевни болки поради загубата на блиски лица.
Во мај 2025 година, судот донесе и втора пресуда во корист на наставничката по историја Татјана Стевановиќ, која беше тешко ранетa во нападот. Според пресудата, Миљана и Владимир Кецмановиќ се обврзани да ѝ исплатат 59.000 евра обештетување, со законска камата од денот на пресудата, за претрпени физички болки, страв, душевни последици и телесно обезличување.
Во посебна постапка, судот делумно го уважи барањето на уште едно дете, преживеано од нападот, со што Коста Кецмановиќ, неговите родители и училиштето се обврзани да платат 26.500 евра за душевни и физички болки, страв и трајни последици.
На 5 ноември 2025 година, Вишиот суд во Белград донесе нова пресуда, овојпат во корист на родителите на убиената Адриана Дуќиќ. Судот ги задолжи обвинетите да исплатат повеќе од 340.000 евра – по околу 85.500 евра на секој од тужителите, како и дополнителни 14.700 евра на секој за претрпен страв.
Се очекува и уште една пресуда во наредниот период, по тужба на уште едно од ранетите деца, чиј процес заврши вчера.
Според судските извори, имотот на семејството Кецмановиќ е моментално замрзнат, а доколку тие не ги исполнат своите финансиски обврски, истиот ќе биде ставен под извршување и продажба.
















