Украински суд донесе историска пресуда – рускиот војник Дмитриј Курашов (27) е осуден на доживотен затвор поради убиство на украински воен заробеник, што претставува прв ваков случај од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Судот во Запорожје, југоисточна Украина, го прогласи Курашов за виновен за ладнокрвното убиство на украинскиот војник Виталиј Ходниук, кој се предал на руските сили во јануари 2024 година.
Според обвинителството, Ходниук бил невооружен и клекнат, кога Курашов го застрелал со митралез на 6 јануари 2024 година. Сведоци потврдиле дека украинскиот војник не претставувал никаква закана во моментот на егзекуцијата.
Курашов бил заробен од украинските сили кратко по инцидентот, заедно со други руски војници. На судењето тој призна вина, но подоцна се изјасни дека е невин, тврдејќи дека истрелите биле испукани од воен лекар познат како „Седој“, кој во меѓувреме починал.
Украинските власти ја оценија пресудата како симболична победа за правдата, посочувајќи дека станува збор за редок случај во кој руски војник одговара за воено злосторство на украинска територија.
Иако Русија негира дека нејзините сили извршиле воени злосторства, украинските истражители тврдат дека десетици слични егзекуции на заробеници се документирани, но голем дел од сторителите остануваат недостапни за украинската правда.
















