Продолжува притворот за сопственичките на домовите „АКТИВ“ и „АРИЈА“ – старите лица згрижени во семејства и јавни установи
Обвинителството побара продолжување на мерката притвор за двете сопственички на приватните социјални институции „АКТИВ“ во Центар и „АРИЈА“ во Бутел, осомничени за физичко и психичко малтретирање на старите лица.
Според Обвинителството, против Н.Ј. (47) и Т.И. (58) од Скопје се води истражна постапка за кривични дела „континуирана злоупотреба на службена положба и овластување“ и „малтретирање при вршење на службата“. Се сомничи дека во периодот од 2023 до 6 октомври 2025 година, тие ги држеле штитениците во нехумани услови, им давале храна со поминат рок и вршеле насилство врз нив.
„Поднесено е барање до Кривичниот суд за продолжување на мерката притвор за двете осомничени. Очекуваме резултати од медицинските вештачења на малтретираните пациенти, а надлежните институции спроведуваат посебни здравствени третмани за нив. По завршување на истрагата, ќе бидат поднесени соодветни обвиненија,“ соопштија од Јавното обвинителство.
По затворањето на домовите, екипата на ТВ21 изврши увид во објектите во Центар и Бутел. Според Министерството за труд и социјална политика, старите лица кои престојувале таму се вратени во своите семејства, а нивните најблиски добиле можност да ги сместат во други социјални установи преку административни договори.
















