Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за мерки на претпазливост против 37-годишен скопјанец, кој пред два дена со автомобил „Фолксваген Пасат“ го усмрти велосипедистот Јорго Ќука на булеварот „Гоце Делчев“.
На барање на Обвинителството, судот му ги одзеде македонскиот и српскиот пасош, како и возачката дозвола, му изрече забрана за напуштање на живеалиштето и обврска редовно да се јавува кај надлежен државен орган.
Несреќата се случила на 3 ноември, кога велосипедистот поминувал по обележан пешачки премин, а возачот, движејќи се со неприлагодена брзина, не успеал навреме да сопре. По ударот, го напуштил местото на несреќата, но подоцна бил приведен од полицијата.
Обвинителството продолжува со постапката за целосно утврдување на околностите и одговорноста на возачот.
















