Во Тузла владее тага и неверување по страшниот пожар што синоќа избувна во пензионерски дом, во кој животот го загубија 12 лица, а 35 се повредени – меѓу нив и пожарникари и полицајци кои учествувале во спасувањето.
Според последните информации од локалните власти, уште едно лице починало во Универзитетскиот клинички центар во Тузла, зголемувајќи го бројот на жртви на 12. Од Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот Кантон соопштија дека четири лица се на механичка вентилација и во критична состојба.
Пожарот избувнал на седмиот кат од зградата на домот, во делот каде што биле сместени неподвижни лица, што ја отежнало евакуацијата. Благодарение на брзата реакција на пожарникарите, огнот бил локализиран, но последиците се катастрофални.
Владата на Тузланскиот Кантон денес одржа вонредна седница и го прогласи четврток, 6 ноември 2025 година, за ден на жалост. Сите институции и медиуми ќе го приспособат својот програмски и работен распоред, а знамињата ќе бидат спуштени на половина копје.
Во меѓувреме, директорот на пензионерскиот дом, Мирсад Бакаловиќ, поднесе оставка, истакнувајќи дека трагедијата не е само удар за Тузла, туку за цела Босна и Херцеговина. Тој додаде дека вработените направиле сè што можеле за да спасат животи во тие критични моменти.
Пожарот предизвика силни реакции во јавноста и политичката сцена. Од партијата „Наша партија“ соопштија дека нивниот советник во Општинскиот совет на Тузла одамна предупредувал на лошите услови за престој во домот, но институциите не реагирале навреме.
Премиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, најави детална контрола на сите установи за социјална грижа во земјата. Денес тој се сретна со членот на претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, и со градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, при што се разговарало за тековните мерки, реконструкцијата на објектот и обезбедувањето алтернативен сместувачки капацитет за преживеаните.
Посебен акцент бил ставен на психолошката и социјалната поддршка на семејствата на загинатите и преживеаните, додека истрагата за причините на пожарот продолжува интензивно.
















