Најмалку пет лица се повредени, откако автомобил се заби во група пешаци и велосипедисти во местото Сен-Пјер-д’Олерон, на островот Ил-д’Олерон покрај западниот брег на Франција, соопшти францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез.
Според информациите, две лица се на интензивна нега, а уште тројца имаат полесни повреди. Осомничениот возач е уапсен, а истрагата е во тек.
Градоначалникот на Долус-д’Олерон изјави дека возачот е под сомнение дека бил под дејство на алкохол и дрога, пренесува „Ројтерс“.
Неколку француски медиуми, меѓу кои „Ле Фигаро“ и „Суд-Оест“, објавија дека повредени се до 10 лица, од кои четворица се во критична состојба. Некои извори блиски до истрагата тврдат дека возачот можеби намерно удрил во луѓето, но истражителите ја разгледуваат и можноста дека е ментално болен.
Француското обвинителство за антитероризам сè уште не ја презело истрагата, додека властите ги проверуваат сите можни мотиви зад овој шокантен инцидент.
















