Британската влада разгледува можност за воведување нов данок за електрични возила, со цел да обезбеди поправедно финансирање на патната инфраструктура и јавните услуги, во споредба со сопствениците на бензински и дизел автомобили. Одлуката се разгледува само три недели пред претставувањето на новиот државен буџет, јавуваат британските медиуми.
„Данокот на гориво се наплаќа за бензин и дизел, но не постои еквивалент за електрични возила. Сакаме поправеден систем за сите возачи“, изјави портпарол на британската влада, нагласувајќи дека новиот модел треба да обезбеди стабилно финансирање за одржување на патиштата и инфраструктурата.
Според весникот Дејли Телеграф, министерката за финансии Рејчел Ривс планира да воведе надомест од три пени (околу 3,5 евроценти) по милја возење со електрично возило.
Доколку биде усвоена, шемата би започнала во 2028 година, по завршувањето на јавните консултации. Се проценува дека би чинела околу 250 фунти годишно по возач, а би донела околу 1,8 милијарди фунти годишно приходи до почетокот на 2030-тите.
Меѓутоа, автомобилската индустрија остро реагираше. Сојузот на производители и трговци (SMMT) оцени дека ваквиот систем би бил „стратешка грешка“, особено во период кога производителите веќе се соочуваат со пад на продажбата на електрични возила.
„Воведување на сложен и скап систем би ги обесхрабрило потрошувачите и би ја нарушило сликата на Велика Британија како инвестициска дестинација“, соопштија од Сојузот.
Неколку земји, меѓу кои Исланд и Нов Зеланд, веќе применуваат наплата по километар за електрични возила, но британски експерти предупредуваат дека воведувањето на ваков данок може да го забави процесот на транзиција кон зелена енергија.
Според Канцеларијата за буџетска одговорност, даноците на гориво моментално носат околу 24,4 милијарди фунти годишно, што претставува околу два проценти од државните приходи.
Министерката Ривс, која веќе воведе повисоки даноци за компаниите и истовремено ја намали јавната потрошувачка, е под силен притисок да ги израмни јавните сметки без дополнително да го забави економскиот раст.
















