ПРВ.мк
Скопје

Камерите НЕ ПРОСТУВААТ: ‘Сејф сити’ ги намали прекршоците за 24 часа - ова се најчестите прекршоци!

Камерите НЕ ПРОСТУВААТ: ‘Сејф сити’ ги намали прекршоците за 24 часа - ова се најчестите прекршоци!
Kristal

Тест-фазата на новиот сообраќаен систем „Сејф сити“ веќе го менува однесувањето на скопјани. Во првиот ден од тестирањето беа регистрирани 110.000 прекршоци, а веќе следното утро бројката се преполови, што покажува дека камерите веднаш имаат ефект врз возачите.

Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, објаснува дека целта на системот е зголемување на безбедноста и намалување на трагичните последици на сообраќајниците. Лани во Македонија имало 142 жртви во сообраќајот, бројка која властите се надеваат да ја намалат со воведување на новите технологии.

Како функционира системот? „Сејф сити“ снима сите клучни моменти од прекршокот – возилото, табличките и светлосната сигнализација. Камерите го регистрираат задниот дел од возилото кога возачот поминува на црвено светло. Топаловски нагласува дека жолтото светло не е дозвола за поминување: „Жолтото е предупредување да застанете. Ако сте на зелено и светлото станe жолто додека сте во раскрсницата – нема казна. Но ако влегувате на жолто, тогаш сте во прекршок.“

Целосна автоматизација – нема човечки фактор Системот е целосно автоматизиран и нема можност човек да влијае кој ќе добие казна. „Сѐ е автоматски – внесува податоци, снима, пакува и праќа. Човек не може да ве избрише од системот“, уверува Топаловски.

Кои се казните? Основната ограничена брзина во град е 50 km/h. Казните се движат од 5 евра за минимално пречекорување, со зголемување во зависност од брзината. Во тест-фазата се анализира која толеранција (+2 или +5 km/h) е најсоодветна.

Покрај прекршоци со брзина, ќе се казнуваат и:

  • полукружно вртење каде што е забрането,
  • погрешно престројување,
  • разговор на мобилен телефон (набрзо ќе биде воведено),
  • паркирање на места со строга забрана.

За неправилно паркирање, специјални полициски возила со камери веќе патролираат низ градот и ги снимаат блокираните возила – казната стигнува додека возачот пие кафе.

Како стигнува казната?

  • Во рок од 24 часа по прекршокот се испраќа порака со линк.
  • Ако не се отвори, следува потсетник.
  • Со отворањето почнува рок од 8 дена за плаќање половина сума или приговор.
  • Ако пораката не се отвори ниту после вториот рок, УЈП ја наплаќа казната директно од сметката.

„Снимката е непобитен доказ – не лаже. Намерата не е да се собираат пари туку да се промени навиката“, порачува Топаловски.

Реакција на граѓаните Половина помалку прекршоци за само 24 часа покажуваат дека возачите веднаш се прилагодуваат. „Сејф сити“ станува најсилната алатка за контрола на хаосот во сообраќајот, а пораката е јасна – безбедноста е заедничка одговорност, а технологијата е тука да помогне.

FixCredit
Atensa 300
Escape