ПРВ.мк
Сцена

НЕВИДЕНА ЕУФОРИЈА ВО ПОДГОРИЦА: Илјадници го пречекаа Рики Мартин, солзавец накратко направи хаос на концертот!

НЕВИДЕНА ЕУФОРИЈА ВО ПОДГОРИЦА: Илјадници го пречекаа Рики Мартин, солзавец накратко направи хаос на концертот!

Подгорица синоќа беше центар на огромна музичка еуфорија, откако десетици илјади луѓе се собраа на Плоштадот на независноста за настапот на светската музичка ѕвезда Ricky Martin. Атмосферата била спектакуларна уште неколку часа пред почетокот на концертот, а центарот на градот бил преполн со посетители.

Според црногорските медиуми, не само што плоштадот бил исполнет до последно место, туку и околните улици, кафулиња и ресторани биле преплавени со луѓе кои сакале да бидат дел од големиот музички настан по повод Денот на независноста.

Музичката вечер започнала со настапи на домашни изведувачи кои ја загреале атмосферата пред излегувањето на светската ѕвезда. На сцената настапиле Tamara Živković, Milena Vučić и Nenad Knežević Knez, кои добиле силна поддршка од публиката.

Кога Рики Мартин се појавил на сцената, следувале громогласни овации и аплаузи. Пејачот веднаш им се обратил на присутните и им го честитал празникот, порачувајќи дека ги очекува незаборавна вечер исполнета со музика и енергија.

Концертот започнал со неговиот голем хит „Maria“, а публиката веднаш запеала и заиграла. Следувале и песните „She Bangs“ и „Private Emotion“, со што атмосферата дополнително се вжештила.

Но, среде забавата дошло до неочекуван инцидент. Во публиката бил фрлен солзавец, што предизвикало краткотраен хаос и моментален прекин на концертот. Дел од присутните се повлекле наназад, додека обезбедувањето и службите брзо интервенирале за да ја смират ситуацијата.

По кратката пауза, концертот продолжил, а атмосферата повторно се вратила во вистински фестивалски дух. И покрај инцидентот, илјадниците присутни останале до крај и пееле заедно со Рики Мартин длабоко во ноќта.