Во Македонија е регистриран првиот случај на западнонилска треска оваа година, а здравствените власти предупредуваат дека со зголемената активност на комарците постои можност за појава и на нови случаи во наредниот период.
Од Институтот за јавно здравје на РСМ информираа дека станува збор за 55-годишен пациент од Велес, кај кого болеста започнала со висока температура, осип, силна малаксаност и нарушена свест. Поради влошување на здравствената состојба, лицето било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, каде што со лабораториски анализи бил потврден вирусот West Nile.
Според информациите од ИЈЗ, пациентот во моментов е во подобрена состојба и е под постојан медицински надзор. Епидемиолошките анализи покажале дека лицето не патувало надвор од државата и немало контакт со други лица со слични симптоми.
Западнонилската треска е вирусна болест што најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец, особено од видовите Culex и Aedes. Вирусот природно циркулира меѓу комарците и дивите птици, додека луѓето не ја пренесуваат болеста понатаму.
Инкубацијата обично трае од три до 14 дена. Кај најголем дел од заразените не се појавуваат никакви симптоми, но кај дел од пациентите може да се јават температура, главоболка, осип, болки во мускулите и замор. Во ретки случаи болеста може да предизвика сериозни компликации како воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или парализа.
Од Институтот предупредуваат дека за ова заболување не постои специфичен лек ниту вакцина, па затоа најважна е превенцијата и заштитата од убоди од комарци.
Меѓу главните препораки се користење репеленти при престој на отворено, носење облека со долги ракави и ногавици, поставување мрежи на прозорци и врати, како и избегнување престој на отворено во зори и навечер кога комарците се најактивни.
Посебен апел е упатен и до родителите за заштита на децата. Се препорачува редовно отстранување на застоена вода од дворовите, саксиите, старите гуми, кофи и други предмети каде што комарците можат да се размножуваат. Дополнително, се советува користење мрежи на детски колички и внимателна употреба на репеленти со DEET, во зависност од возраста на детето.
Од ИЈЗ нагласуваат дека ризикот за населението во моментов се оценува како среден, но истиот може значително да се намали доколку граѓаните ги почитуваат препораките за заштита.
Здравствените власти апелираат секој што ќе почувствува симптоми како висока температура, главоболка, осип или невролошки проблеми по убод од комарец, веднаш да побара лекарска помош.







