ПРВ.мк
Македонија

ФАТЕНИ НА ДЕЛО: Автосервис со месеци крадел струја, штетата надмина 150.000 денари!

ФАТЕНИ НА ДЕЛО: Автосервис со месеци крадел струја, штетата надмина 150.000 денари!

Голем случај на кражба на електрична енергија е откриен во Штип, откако контролните екипи на Електродистрибуција при проверка во автосервис утврдиле сериозни незаконски интервенции на мерниот систем.

Според информациите, случајот бил откриен во сервис за возила на улицата Железничка во Штип, каде што, според првичните проценки, нелегалното користење на струја траело неколку месеци, од јануари па сè до почетокот на мај оваа година.

Во акцијата учествувале екипи од Корисничкиот енерго центар во Штип заедно со специјализираниот Тим за откривање на неовластено користење електрична енергија. При контролата на терен било утврдено дека електричната енергија се користела незаконски преку трифазно броило поставено во мерен ормар.

Контролорите констатирале и дека пломбите биле оштетени и отстранети, а дел од проводниците биле премостени на една од фазите за влез и излез на броилото, со што се овозможувало незаконско трошење струја без соодветно евидентирање.

По откривањето на неправилностите, надлежните служби веднаш презеле законски мерки. Составен бил официјален записник за неовластено користење електрична енергија, а до Министерството за внатрешни работи била поднесена и пријава согласно член 235-а од Кривичниот законик.

Дополнително, изготвена е и фактура за надомест на причинетата штета, која изнесува 150.610 денари.

Од Електродистрибуција информираат дека случајот е целосно документиран и веќе е предаден на понатамошно постапување во МВР, каде што ќе се утврдуваат сите детали поврзани со незаконското користење на електрична енергија.