Кајл Буш, иконата на NASCAR – двократен шампион во Cup серијата и возач со најмногу победи во историјата на трите национални серии на овој спорт, почина во четвртокот на 41-годишна возраст. Веста ја потврди тркачката организација.
Буш починал откако претходно истиот ден бил хоспитализиран поради тешка болест. Трагедијата се случила само три дена пред да се натпреварува на трката на патеката „Charlotte Motor Speedway“. Причината за смртта не е наведена.
„Во име на семејството Буш, сите во 'Richard Childress Racing' и целиот NASCAR, скршени сме што мораме да ја објавиме ненадејната и трагична смрт на Кајл Буш. Целото наше NASCAR семејство е скршено поради загубата на Кајл. Како иден член на Куќата на славните, тој беше редок талент, каков што се гледа еднаш во генерацијата. Беше жесток, страствен, исклучително вешт и длабоко се грижеше за спортот и навивачите“, се наведува во соопштението на NASCAR.
Според информациите кои „The Associated Press“ ги доби од неколку анонимни извори запознаени со ситуацијата, Буш во средата тестирал тркачки симулатор на „Chevrolet“ во Конкорд, Северна Каролина, кога престанал да реагира и итно бил пренесен во болница во Шарлот. Детали не открија ниту тимот на Буш, ниту семејството.
Најважните достигнувања на Кајл Буш:
- Двократен шампион во NASCAR Cup серијата (2015, 2019);
- Го зазема 9-то место на вечната листа на победи во Cup серијата (63);
- Го држи рекордот со 234 комбинирани победи во трите главни NASCAR серии;
- Го држи рекордот по бројот на победи во серијата O'Reilly Auto Parts (102) и серијата Craftsman Truck (69);
- Победил во Cup серијата во рекордни 19 последователни сезони од 2005 до 2023 година.










