Човечки коски биле пронајдени во бунар на територијата на Смедерево, а првичните сомнежи се дека станува збор за посмртните останки на маж чие исчезнување било пријавено во полицијата во 2018 година.
Според информациите што ги пренесува „Курир“, полицијата била известена од човек кој се сомнева дека пронајдениот скелет му припаѓа на неговиот дедо, кој исчезнал пред осум години.
– Еден човек ја повикал полицијата и пријавил дека забележал скелет во бунар. Притоа навел дека претпоставува оти станува збор за посмртните останки на неговиот дедо, кој исчезнал пред осум години – изјавил извор за овој медиум.

По пријавата, полициски екипи излегле на терен, а за извлекување на останките од бунарот биле ангажирани нуркачи на Жандармеријата.
Останките испратени на ДНК-анализа
Телесните останки биле извлечени и пренесени во Институтот за судска медицина, каде што треба да се утврди идентитетот на починатиот. Наредена е ДНК-анализа, која треба да покаже дали навистина станува збор за мажот чие исчезнување било пријавено во 2018 година.
Истовремено, надлежните ги испитуваат и околностите под кои настапила смртта.
Според соговорникот на „Курир“, поради долгото време што поминало, останките се во таква состојба што во оваа фаза од истрагата не може да се утврди како дошло до смртта.
Засега не се исклучува ниту една можност – мажот можеби сам скокнал во бунарот, случајно паднал во него или, пак, станува збор за некоја друга околност.
Резултатите од ДНК-анализата и понатамошната истрага треба да дадат одговор на прашањето чиј скелет е пронајден, како и што точно се случило пред осум години.






