Сообраќајната полиција во Србија денеска околу 13:20 часот, со помош на службено возило „пресретнувач“, запрела 46-годишен возач на мерцедес со шпански регистарски таблички на територијата на општина Параќин.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи на Србија, возачот со иницијали И.Ж. претекнувал друго патничко возило преку неиспрекината надолжна линија, движејќи се со брзина од дури 197 километри на час.
Прекршокот бил регистриран на дел од државниот пат Заечар – Параќин, каде што дозволената брзина е ограничена на 80 километри на час.
Алкотестот покажал 1,29 промили алкохол
При контролата било утврдено дека возачот управувал со автомобилот и под дејство на алкохол. Алкотестирањето покажало присуство на 1,29 промили алкохол во крвта, што според српските прописи претставува тешка алкохолизираност.
Полицијата веднаш го исклучила од сообраќај и го задржала во службените простории.
Против 46-годишниот возач ќе бидат поднесени соодветни прекршочни пријави за насилничко возење, управување возило во состојба на тешка алкохолизираност и неправилно претекнување.






