Естрадната и музичката јавност во регионот ја потресе веста за смртта на Амар Шабиќ (27), синот на познатата босанска пејачка Лејла Шабиќ, која на јавноста ѝ е позната како Лејла Леки.
Амар, кој работел како возач на автобус во јавниот превоз, го загубил животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила во близина на Тузла. Неговата смрт претставувала огромен удар за семејството, особено за неговата мајка, која само два месеца претходно се соочила со уште една голема загуба – смртта на својот татко.

Емотивен подарок што ги врати спомените
Деновиве на социјалните мрежи се појави видео што предизвика силни емоции кај многумина. На него се гледа моментот кога блиски луѓе на Лејла ѝ подаруваат посебен спомен – уметничка слика на која се прикажани таа и нејзиниот покоен син Амар.
Штом ја здогледала сликата, пејачката не успеала да ги задржи солзите. Подарокот длабоко ја трогнал, потсетувајќи ја на љубовта кон синот и на болката со која продолжува да живее по неговата смрт.
Се врати на сцената, но болката остана
Иако се соочувала со тешка загуба, Лејла, два месеца по трагедијата, одлучила да продолжи со работата и да ги исполни претходно договорените обврски кон публиката.
На еден од првите настапи по смртта на синот, таа предизвикала силни емоции кај присутните изведувајќи ја песната „Сине мој“. Пред да започне да пее, пејачката упатила кратка порака:
„За сите синови“, рекла таа, посветувајќи ја песната на својот сакан Амар.
И покрај тагата, Лејла истакнала дека ќе продолжи со животот, почитувајќи ги семејните обичаи и традицијата, но и дека споменот на нејзиниот син засекогаш ќе остане дел од неа.
„Како мајка на својот сакан и никогаш прежален син, ќе ги испочитувам сите наши обичаи и адети. Низ животот ќе продолжам понатаму со својата работа и дружење, со народот кој беше со мене. Мојата тага и болка никогаш никој нема да може да ја избрише од душата. Каде и да тргнам, па и од душа да запеам, во градите и понатаму ќе остане болката и тагата за мојот син“, порача пејачката.
Нејзините зборови ја отсликуваат болката на мајка која се обидува да продолжи понатаму, додека спомените за синот и љубовта кон него остануваат засекогаш живи.





