Настапот на турскиот диџеј и продуцент Махмут Орхан на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид предизвикал реакција кај граѓани поради преголема бучава, а мерењата на полицијата покажале дека дозволеното ниво на звук било значително надминато.
Според информациите од СВР Охрид, на 26 јули 2026 година околу 01:00 часот било пријавено нарушување на јавниот ред и мир поради гласна музика од настанот.
Полициски службеници излегле на местото и извршиле мерење со фонометар, при што било утврдено дека јачината на звукот достигнала 77 децибели, додека дозволената граница изнесува 35 децибели.
Од СВР Охрид информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок до надлежните органи.
Махмут Орхан настапи во Охрид во организација на „Прагма продукција“, пред бројна публика составена од домашни и странски посетители. Во текот на настапот, публиката му подала македонско знаме, кое диџејот го бакнал и го ставил на себе, момент кој предизвикал големо воодушевување кај присутните.










