Српската пејачка Мина Костиќ се најде во центарот на медиумското внимание по информациите дека била вмешана во инцидент со наводна кражба во продавница во еден од трговските центри во Белград.
Според српски „Курир“, обезбедувањето на продавницата повикало полиција, која пристигнала на местото на настанот.
Како што пренесува медиумот, станувало збор за облека што не била платена, а наводно завршила во ранецот што пејачката го носела при излегувањето од продавницата.
Според неименуван извор на „Курир“, Костиќ изјавила дека не знае дали облеката случајно или намерно се нашла во нејзиниот ранец.
Новинарите се обиделе да добијат изјава од пејачката, но, според нивните наводи, таа го прекинала телефонскиот разговор.
Засега нема официјално полициско соопштение за случајот, ниту потврда дека против пејачката е поднесена кривична пријава.
Српските медиуми потсетуваат дека Костиќ и претходно се соочувала со јавни обвинувања од колеги поврзани со распределба на бакшиш од музички настапи.
Пејачката Сандра Решиќ претходно ја обвинила дека присвоила 500 евра бакшиш, додека слични тврдења изнел и пејачот Борис Стјепановиќ.
Костиќ ги отфрлила ваквите обвинувања и порано изјавила дека не сака да се занимава со коментарите на колегите.
Останува да се утврди што точно се случило во белградската продавница и дали надлежните органи ќе преземат понатамошни мерки.










